Фудбалерите на Вардар ќе играат против Струга во финалето на Купот на Македонија на националната арена „Тодор Проески“.
Пред натпреварот се одржа стандардната прес-конференција на која се обрати тренерот Гоце Седлоски. Тренерот на вардарци го најави дуелот со стружани.
„Мислам дека Вардар е подготвен да го даде максимумот во финалето. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше првак. Ние се гледаме самите себеси. Толку време Вардар го чека ова финале, па ќе дадеме максимум на овој добар терен и со помош од публиката да ја оствариме целта оваа полусезона. Сакаме да продолжиме со добрите резултати од последните месеци и да го освоиме Купот, иако сме свесни дека нема да биде лесно. Ако играчите одиграат како во претходните шест месеци, се надевам дека трофејот ќе дојде во нашите витрини. Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Мислам дека го заслуживме тоа, а сакам да го заокружиме добриот ритам и утре.
Секој натпревар во овие месеци зад нас беше финале, а ова е друг меч и постои притисок. Свесни сме сите, играчите ако го дадат максимумот мислам дека можеме до успех. И ние, но и Струга го заслужуваме ова финале. Се надевам на добра игра, фер и коректно, во добро светло да се прикажеме и да се радуваме. Домашниот терен е предност, знаеме што значи Вардар во Македонија и сигурно ќе има доста публика во Скопје. Ова е финале, двата тима мора да се фокусирани на својата игра. Струга е квалитетен ривал и заслужува респект, ама мора да ја одработиме уште оваа средба во свој стил“, изјави Седлоски.
Пресметката меѓу Вардар и Струга во Скопје ќе се одигра в среда со почеток во 20:00 часот.