Македонскиот селектор, Гоце Седлоски даде интервју за босанскиот портал „Вјести.ба“ во кое зборуваше и за пријателскиот натпревар кој нашата селекција ќе го одигра против БиХ.
Македонија на 29 мај на стадионот Кошево во Сараево ќе игра против Босна и Херцеговина пријателски натпревар. Па за Босанците беше интересен нашиот селектор Гоце Седлоски.
„И јавно ѝ честитам на Босна за пласманот на Светското првенство и фантастичните натпревари во баражот, особено елиминацијата на четирикратниот светски шампион Италија. Токму затоа велам, кој ја победува Италија, може да победи секого. Верувам дека можете да направите голем резултат“, изјави Седлоски.
Натпреварот помеѓу БиХ и Македонија ќе се игра пред околу 35.000 навивачи.
„Ќе биде спектакл – и така треба да биде, бидејќи играте на Светско првенство. Но, ние доаѓаме да се покажеме во најдобро светло, да одиграме квалитетен меч и публиката да ужива. Играме против силен противник, но верувам дека имаме квалитет да парираме“.
Седлоски потенцира дека станува збор за „пријателски натпревар меѓу пријателски земји“, додавајќи дека на Мундијалот ќе навива за балканските селекции.
„Се надевам дека моите зборови ќе добијат тежина по Светското првенство и дека ќе бидам во право за настапот на Босна. Ви посакуваме сè најдобро, но на Кошево сакаме да уживаме и да ве победиме“.
Верува дека Босна може да ја помине групата.
„Нема лесни противници, особено во репрезентативниот фудбал. Верувам дека Босна може да оди понатаму, но нема да биде лесно. Имате одличен тим, комбинација од млади и искусни играчи. Имате основа за оптимизам и за сегашноста и за во иднина“.
Тема беше и Вардар со кој во овој момент е лидер на табелата со предност од шест бода во однос на Шкендија на три кола пред крајот на првенството.
„Не би рекол дека сме пред освојување на титулата, но се движиме во вистинска насока. Се надевам дека ќе станеме шампиони, но процесот сè уште трае“, истакна Седлоски.
Кога е Македонија во прашање потенцираше дека главна цел е пласман на следното Европско првенство.
„Мојата ера штотуку започнува, токму со натпреварот во Сараево влегуваме во нов циклус, каде што главна цел ни е следното Европско првенство. Потребна е детална анализа и селекција на играчи, имаме квалитет, но мора подобро да се организираме“, додаде предводникот на нашата репрезентација.