Низ медиумите кружат шпекулации за шокантен трансфер, Арсенал би можел да го ангажира Роберто Фирмино како засилување за нападот, „топчиите“ се прилично тенки во офанзивата поради голем број на повреди.
Клубот од Северен Лондон во јануари не успеа да донесе нов напаѓач и покрај тоа што знаеше дека сезоната за Габриел Жесус е завршена, а за работите да станат полоши, минатата недела и Каи Хаверц заработи сериозна повреда и ќе биде во аут исто така до крајот на сезоната.
Арсенал може да ангажира нов напаѓач и покрај тоа што преодниот рок е завршен, но може да донесе само напаѓачи кои се без договор, а помеѓу нив нема многу квалитетни.
Пред неколку дена беше составена листа од 5 слободни напаѓачи кои Арсенал може да ги ангажира, а сега се појавија шпекулации за шокантен трансфер.
Поранешниот напаѓач на Ливерпул, Роберто Фирмино се посочува како решение за проблемот на Арсенал и Микел Артета.
Бразилецот е изоставен од тимот на Ал Ахли за првенството на Саудиска Арабија, па се говори за можноста Роберто Фирмино да добие раскин на договор.
При едно вакво сценарио, тој ќе може да потпише со Арсенал, но прашање е колку Бразилецот ќе сака да го облече дресот на „топчиите“ во сценарио кога клубот од Северен Лондон води битка за титулата со неговиот поранешен клуб Ливерпул, каде Бразилецот помина осум години и беше еден од милениците на публиката.