Селекторот на „Гордиот
албион“, Герет Саутгејт го објави списокот на фудбалери за претстојните
натпревари на Англија во Лигата на нации, но, на списокот кој брои 24 фудбалери
е изоставена ѕвездата на Астон Вила, Џек Грилиш.
Наместо Грилиш,
Саутгејт се реши за соиграчот на нашиот Езгјан Алиоски од Лидс, 24 годишниот Калвин
Филипс, кој ланската сезона имаше
солидни изданија во Чемпионшип дивизијата на Островот кои ги дополни со два
погодоци, како и исто толку асистенции.
Медиумите на Островот
мошне активно го следат однесувањето на ѕвездите во Премиерлигата на
социјалните мрежи, а не им изостана ниту случајот со Грилиш, кој откако увиде
дека не е повикан, лајкна објава во која се оспорува фактот што е изоставен.
Станува збор за
објава на „Скај Бет“, во која од таму потсетија на коментарите на Саутгејт кој
наведе дека Грилиш мора да собере поголемо искуство во Премиерлигата за да
добие повик, ланската сезона тој на 36 настапи постигна 8 погодоци и 6
асистенции, а во објавата се додава дека Филипс нема ниту еден меч искуство во
најелитното фудбалско првенство на Островот.
Грилиш набргу се
попишмани за тоа што го стори, па го тргна лајкот на објавата, а што се
однесува пак до Филипс, тој во изјава за „Скај Спортс“ не ги криеше импресиите
за повикот од Саутгејт, наведувајќи дека се чувствува како да се искачил на
месечината.
