Интересен натпревар на Сан Паоло, Наполи славеше со 2-0, но Сасуоло има за што да жали и гостите сигурно ќе бидат разочарани што се враќаат дома со празни раце. Избраниците на Де Ѕерби четири пати ја тресеа мрежата, но во сите наврати головите беа поништени поради офсајд.
Наполи поведе рано, Хисај во 8. минута од мечот погоди од работ на шеснаесетникот за 1-0. Ѓуриќиќ во 32. минута го совлада Оспина, но прерано втрча, па голот беше поништен.
Пет минути подоцна, Ѓуриќиќ одново го матираше Оспина, но и овој гол беше поништен откако на зачетокот од акцијата, Траоре беше во недозволена позиција.
На стартот од вториот дел, Капуто стрелаше прецизно но и овој гол беше поништен поради офсајд на Берарди. По еден час игра, ситуацијата беше обратна, Берарди ја смести топката зад грбот на Оспина но поради офсајд на Капуто, голот беше поништен.
Гостите како да снемаа мотив по ваквиот развој на настаните, па во финишот од мечот Ален со прецизен удар од врвот на шеснаесетникот ги реши сите дилеми и ги постигна конечните 2-0.
Елиф Елмас доби петнаесетина минути, Македонецот имаше една шанса, но неговиот удар беше по средината на голот па Консиљи лесно го скроти.