Лацио е во потрага по нов тренер за следната сезона, а според информациите на реномираниот италијански новинар Џанлука Ди Марцио, на врвот на листата на желби се наоѓа Маурицио Сари кој е добро познато име во Рим.
Речиси е извесно дека Марко Барони ќе се прости со „небесно-сините“, па така раководството на клубот темелно анализира повеќе опции, а враќањето на Сари сè повеќе добива на тежина.
Искусниот тренер, кој веќе три години го водеше тимот од „Олимпико“, е без ангажман уште од лани, кога поради лични причини одлучи да се повлече од тренерската функција. Иако не донесе трофеи, неговиот претходен мандат беше оценет како успешен, Лацио под негово водство го освои второто место во Серија А, обезбеди пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите и воопшто го подигна квалитетот и амбициите на клубот.
Сега, „бјанкочелестите“ се подготвени да му понудат двегодишен договор вреден 2.8 милиони евра по сезона. Засега, не е познато дали Сари е подготвен за нов предизвик, но се очекува одлуката да следи наскоро.