31 годишниот
Алексис Санчез, член на Интер сведочи за престојот во Манчестер јунајтед,
престој кој според неговите зборови не го памети по ништо добро, меѓутоа
Чилеанецот без двоумење прифатил да потпише за клубот од „Олд Трафорд“, а за
таа одлука зажалил уште по првиот тренинг.
„Ја прифатив
можноста да играм за Манчестер јунајтед, почувствував дека тоа е одлично за
мене, привлечно, ми се допаѓаше клубот уште од мали нозе, без двоумење потпишав
договор но не барав никакви информации за тоа што се случува одвнатре во клубот“
вели Санчез.
Офанзивецот кој
имаше блескави изданија во дресот на Арсенал каде одигра четири сезони (2014-18),
му бил потребен еден тренинг во Манчестер јунајтед за дури да посака да се
врати во составот на „Топчиите“ каде на 122 меча постигна 60 погодоци.
„Понекогаш
постојат работи кои не ги согледувате навремено, се’ додека не ги искусите лично, јас добро паметам
дека откако го имав првиот тренинг, воочив многу работи“ вели Чилеанецот.
„По тој тренинг
јас си заминав во мојот дом и му реков на моето семејство и агентот „ќе може ли
да се поништи договорот и да се вратам во Арсенал?“, тие се изнасмеаа, јас им
реков дека постојат работи кои не изгледаат добро“ додава тој, а потоа наведува
дека тимот на Манчестер јунајтед во тој период не наликувал на семејство, а
секогаш кога требало некој да се обвини, тоа го правеле на негова сметка.
„Меѓутоа јас веќе
потпишав за тој клуб, веќе бев таму, а по неколку месеци во тој клуб и натаму
го имав тоа чувство, не бевме обединети како тим во тие моменти, новинарите во
повеќе наврати знаеа да пишуваат нешто без да ги согледаат фактите, а тоа
повредуваше, немаа никаква претстава што се случуваше одвнатре во клубот, велат
дека било моја вина, меѓутоа понекогаш фудбалерот зависи од опкружувањето,
семејството околу него, а во тој период ние како тим не делувавме како едно
семејство, а тоа се сведе дури и на терените, а секогаш кога ќе мораше некој да
се обвини, тоа го правеа на моја сметка“ заклучи Санчез кој за Манчестер
јунајтед одигра само 32 меча, на кои постигна 3 погодоци.