Англиската фудбалска легенда Вејн Руни и по повеќе од една деценија не може да се помири со начинот на кој Манчестер сити ја освои титулата во драматичното последно коло од Премиерлигата во 2012 година.
Во финиш кој влезе во фудбалската историја, Сити со два гола во судиското продолжение направи пресврт и го совлада Квинс Парк Ренџерс со 3-2, со што стигна до својата прва титула по цели 44 години. Стрелци на историските голови беа Един Џеко и Серхио Агуеро – последниот погодок на Аргентинецот и денес се смета за еден од најемотивните моменти во историјата на англискиот фудбал.
Со тој пресврт, Сити ја „украде“ титулата пред носот на Манчестер Јунајтед, кој веќе ја имаше завршено својата утакмица и славеше, не знаејќи што ќе се случи на „Етихад“.
Но, токму тој момент е нешто што Руни сè уште не може така лесно да го „проголта“. Екс-капитенот на Јунајтед во подкастот „Overlap“ повторно изрази сомнеж дека натпреварот не бил чист и дека требало да се истражи.
„Очигледно беше дека КПР се бранеше слабо, но зарем Педи Кени не му ја подари топката на Сити? Тие веќе знаеа дека изборија опстанок. Сити изедначи на 2:2, а КПР пак им ја врати топката. На теренот бешеЏибрил Сисе, Џои Бартон доби црвен, Шон Рајт-Филипс и Оноуха исто така играа… Тоа мораше да биде под истрага“, изјави Руни.
Ова не е првпат Руни да ги сподели ваквите мислења. Тој и претходно отворено говореше дека се сомнева во регуларноста на тој натпревар.
„Педи Кени мораше подобро да реагира на неколку од тие голови. Сити дава втор гол, а КПР пак им ја враќа топката. Никој никогаш не го постави тоа прашање. Исто така Сисе на крајот слави со играчите на Сити“, потсети Руни.
Фото: Derby County/X