Родригес до вардаровите фанови: Прифатете ме како лидер и ќе направам да бидете горди!

by Стефан
2 минути читање

Екипата на Вардар денеска го потврди трансферот на Жерсон Родригес, најдобриот стрелец во историјата на Луксембург, а напаѓачот веќе го даде и своето прво интервју.

Во разговор за порталот „Спорт1“, Родригес објасни зошто ја прифатил понудата од Вардар помеѓу останатите.

„Имав неколку интересни понуди на маса, но Вардар беше меѓу првите. Ја прифатив понудата со цело срце бидејќи почувствував дека тие веруваат во мене, а тоа ми е навистина многу важно. Во овој момент, довербата ми е неопходна. Си го знам квалитетот, а кога знаеш дека луѓето веруваат во тебе, тоа позитивно се одразува и на теренот. Сакаа да ја преземам улогата на лидер и да го извлечат најдоброто од мене, а токму тоа го сакам и јас. Во прилог на мојата одлука одеше и фактот што Вардар ќе игра квалификации за Лигата на шампионите, што претставува огромен предизвик. Досега имам играно еднаш во Лигата на шампионите и еднаш во Лига Европа, па настапите на европската сцена ми значат многу. Дополнително, тимот зад себе има одлична сезона, мотивиран е и амбициозен за понатаму. Имам чувство дека целиот град стои зад клубот, а поддршката од навивачите ни е повеќе од потребна.“

Родригес има контроверзно минато со многу проблеми, а сега вели дека научил од грешките и собрал искуство.

„Би им кажал дека секој фудбалер има свое минато, секој има подеми и падови, но со текот на времето учите од грешките и знаете дека не смеете да ги повторите. Јас сум слободен играч, слободна душа. Сите зборуваат: ‘Родригес сака ова, Родригес сака она’, но со искуството учите како правилно да ги менаџирате работите. Веќе немам 21 година, имам 30, и сега точно знам што правам – кога е време за забава, а кога не. Но, јас не дојдов тука за тоа. Дојдов да докажам дека Жерсон Родригес е сè уште жив, и сите ќе го видат вистинскиот Родригес. Не сум тука за да бидам осудуван, тука сум да зборувам на теренот, да зборувам со топката. Покрај фудбалот имам и приватен живот, но приватното останува приватно. Знам дека ќе бидам максимално професионален. Верувајте во мене и сè ќе биде добро. Јас ќе ве поддржувам вас, вие поддржувајте ме мене и заедно ќе имаме голема иднина. Прифатете ме, верувајте во мене, прифатете ме како лидер, а јас ќе направам сè за да бидете горди на мене.“

Целото интервју со Родригес може да го прочитате – ТУКА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×