Кандидатот за претседател на Реал Мадрид, Рикелме Енрике не стравува од Манчестер Сити, убеден е дека ќе го донесе Ерлинг Халанд на „Бернабеу“ и открива дека напаѓачот има откупна клаузула.
Рикелме Енрике сака да го детронизира Флорентино Перез, па вчера најави трансфер бомба и ангажман на Ерлинг Халанд доколку седне во претседателската фотеља на Реал Мадрид.
Тој сепак веднаш беше негиран од таткото на Норвежанецот, како и неговиот агент, а се појавија и информации кои велеа дека Манчестер Сити е подготвен да поднесе тужба.
Но очигледно Рикелме Енрике не стравува од „граѓаните“ па попладнево во интервју за АС уште еднаш ја повтори својата намера да го ангажира Ерлинг Халанд.
„Разбирам дека луѓето околу него имаат обврска да го заштитат играчот. Тоа е сосема нормално. Но, навистина сум задоволен што можам да кажам дека играчи од калибарот на Халанд, доколку станам претседател, ќе го облечат дресот на Реал Мадрид“ – вели Рикелме Енрике.
„Демантот е дел од фудбалот, сите го знаат тоа. Истото се случуваше и во случајот со Луис Фиго (Реал Мадрид го украде од Барселона со активирање на откупната клаузула и покрај тоа што цело време пристигнуваа деманти за една ваква зделка).
„Во еден момент ќе треба да седнеме на разговор со Сити, имаме огромна почит кон клубот и ќе работиме во таа насока. Но планот е јасен, ако станам претседател, Халанд и Родри ќе бидат играчи на Реал Мадрид“.
Тој потоа откри дека неодамна имал средба со Халанд, но одби да открива повеќе детали, само кратко порача дека напаѓачот има откупна клаузула, и уште еднаш нагласи дека Норвежанецот и Родри сигурно ќе го облечат белиот дрес доколку тој стана претседател.