Реал уште еднаш му покажа на ПСЖ дека е институција и за 72 часа го договори трансферот на Мастантуоно

by riste
1 минути читање

По најавите дека Луис Енрике побарал од ПСЖ ангажман на 17 годишниот Франко Мастантуоно, делегација на Реал Мадрид отпатува во Аргентина и го договори трансферот на супер-талентираниот фудбалер.

ПСЖ не може глава да крене кога се во прашање битките со Реал Мадрид на трансфер пазарот, „светците“ уште еднаш останаа со празни раце и само гледаа како „кралевите“ пред нос им го ангажираат супер-талентираниот Франко Мастантуоно.

По триумфот во Лигата на шампиони се појавија информации дека Луис Енрике лично побарал ангажман на 17 годишното момче, па ПСЖ веднаш тргнал да му ја исполни желбата на тренерот.

Се најавуваше дека „светците“ се многу блиску до ангажман на Франко Мастантуоно, но потоа Реал Мадрид уште еднаш покажа дека е институција во светот на фудбалот.

Делегација на „кралевите“ предводена од главниот скаут Хуни Калафат и генералниот извршен директор Хосе Анхел Санчез отпатува во Буенос Аирес и за помалку од 72 часа го договорија трансферот на Франко Мастантуоно.

Шпанскиот весник АС открива како Реал Мадрид успеал да ја запечати зделката и да го осигура потписот на офанзивниот фудбалер.

Клубот од „Бернабеу“ покажал голема почит кон Ривер Плата и ги исполни сите барања, односно ќе плати 40 милиони евра колку што изнесува откупната клаузула, додатни 5 милиони евра за да се покријат трошоците за данок, а и ќе го остават Франко Мастантуоно на располагање на тренерот Марсело Гаљадо за Светското клупско првенство.

Во август ќе биде донесена одлука дали играчот ќе остане во Ривер на позајмица до крајот на годината и потоа во јануари да се пресели во Мадрид, или пак дали уште ова лето ќе го облече белиот дрес.

ФОТО: X/River Plate

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани