Џуд Белингем, 21-годишниот ас на Реал Мадрид, веќе важи за еден од најдобрите фудбалери на светот. Според проценката на „Трансфермаркт“, неговата вредност изнесува дури 180 милиони евра, а во минатата сезона тој беше клучен дел од тимот што ги освои и Ла Лига и Лигата на шампионите. Во дресот на „кралскиот клуб“ досега има 90 настапи, при што постигна 36 голови и забележа 26 асистенции. За англиската репрезентација има 42 настапи и шест погодоци.
Според информациите на шпанската „Марка“, можно е Реал наскоро да добие уште еден Белингем, неговиот помлад брат Џоб, кој има 19 години и настапува за Сандерленд во англискиот Чемпионшип. И покрај младоста, Џоб веќе се наметнува како еден од најталентираните играчи во втората англиска лига, која важи за една од најтешките во светот.
Оваа сезона, младиот играч од средниот ред има три голови и четири асистенции на 39 натпревари, а во април официјално беше прогласен за најдобар млад играч во лигата. Интересно е што и минатата сезона беше блиску до тоа признание, кога постигна седум голови.
На едно коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната, Сандерленд се наоѓа на четвртата позиција во Чемпионшип и веќе обезбеди пласман во плејофот за влез во Премиер лигата. Според правилата, клубовите кои ќе завршат од третото до шестото место ќе играат полуфинале и финале за последното место што води во елитата.
Фото: Sunderland A.F.C/X