Англискиот репрезентативец Маркус Рашфорд се најде повторно во фокусот на јавноста откако искрено изјави дека би сакал еден ден да заигра во ист тим со 17-годишниот бисер на светскиот фудбал, Ламин Јамал.
Фудбалерот на Манчестер јунајтед моментално се наоѓа во Шпанија каде што индивидуално тренира и се подготвува за новата сезона. Минатата полусезона ја мина на позајмица во Астон вила, а неговата иднина на „Олд Трафорд“ е сè понеизвесна.
Според британските медиуми, Рашфорд има тензичен однос со тренерот Рубен Аморим и наводно веќе му соопштил на клубот дека не сака да настапува додека Португалецот е на клупата. Аморим го отстрани од тимот уште во декември, а напаѓачот остатокот од сезоната го доигра во дресот на Вила.
На новинарско прашање дали би сакал да игра со Ламин Јамал, Рашфорд беше јасен:
„Секако. Секој сака да игра со најдобрите. Се надевам… ќе видиме“, порача тој.
Рашфорд истакна и дека сè подобро се снаоѓа на новата позиција централен напаѓач, на која играше за Астон Вила, за разлика од порано кога настапуваше по левото крило.
„Се чувствувам сè поприродно како „деветка“. Подобро се снаоѓам со играта со грб кон голот. Кога си поблиску до шеснаесетникот, стануваш поопасен“, истакна тој.
Фото: Aston Vila/X