Рускиот претседател Владимир Путин ќе има можност да гласа на претстојните претседателски избори во Црвена звезда, кои ќе се одржат на 22 и 23 мај.
Право на глас ќе имаат сите активни членови на белградскиот клуб со подмирена годишна членарина, а според конечниот избирачки список што го потврди Изборната комисија, меѓу нив се наоѓа и името на Путин.
Членската карта на рускиот лидер е заведена под реден број 20 и му била издадена во 2011 година, за време на неговата посета на клубот.
Тогаш Путин присуствуваше на пријателскиот натпревар меѓу младинските состави на Црвена звезда и Зенит Санкт Петербург на стадионот „Маракана“, каде беше поздравен со овации од трибините. Од раководството на клубот доби и дрес со бројот 1.