Утре и официјално
се враќаат фудбалските возбудувања во
Серија А, откако беше комплетиран
Купот претходно, за утре се предвидени два меча, а возбудувањата
продолжуваат и во недела, односно понеделник и вторник во брзо темпо.
Една голема
промена доаѓа во однос на протоколот според кој ќе продолжи сезоната во
Италија, најмногу се говори за едно контроверзно правило, доста ригорозно, кое
можеше брзо да стави крај на сезоната и покрај предвидениот рестарт.
Се работи за
правилото по кое се наложуваше во случај да има заболен од Ковид-19, целиот тим
од каде доаѓа тоа лице од фудбалскиот или не-фудбалскиот персонал би одел во
карантин, што практично би значело и крај на сезоната.
Меѓутоа,
министерот за спорт на Италија, Винченцо Спадафора, како и министерот за
здравство Роберто Сперанца, го потпишаа новоуредениот протокол, во кој има
голема промена по претходно наведената тема во однос на карантинот при
евентуални заболени од Ковид-19.
Секоја индивидуа
која ќе биде позитивна на тестирањето ќе биде подложна на карантин, додека пак,
останатиот дел од тимот од каде доаѓа заразениот ќе биде подложен на брзо
тестирање, вклучувајќи и брзи резултати од тестирања за коронавирусот ден пред
предвидениот натпревар.
Кога сме веќе кај
фудбалските возбудувања во Италија, Јувентус е на лидерската позиција на
табелата со 63 бода на 12 кола пред крајот на сезоната, со бод повеќе во однос
на Лацио, односно девет во однос на третопласираниот Интер кој има и меч
помалку.