Македонија и Белгија во петок ќе го одиграат еден од највозбудливите дуели во продолжението од квалификациите за СП 2026, а УЕФА одлучи задачата да ја довери на искусна англиска судиска екипа.
Главен арбитар на мечот што се игра на „Тодор Проески“ со почеток во 20:45 часот ќе биде Кристофер Каванаг, редовен делител на правда во Премиер лигата. Нему ќе му помагаат сонародниците Ли Бетс и Неил Дејвис, додека четврти судија ќе биде Самуел Барот.
ВАР-собата ќе биде предводена од еден од најпознатите англиски судии, Стјуарт Атвел, човек со сериозно портфолио од најелитните натпреварувања во Англија и Европа.
Македонија ќе се обиде да приреди сензација против силната белгиска репрезентација, а со оглед на важноста на мечот, УЕФА реши на теренот и зад камерите да има само проверени имиња.