Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа се наоѓа меѓу главните кандидати за нов менаџер на Фулам по заминувањето на Марко Силва. Според информациите на „Атлетик“, раководството на лондонскиот клуб веќе остварило разговори со Арбелоа, кој е еден од фаворитите за преземање на лондонскиот клуб.
Фулам во моментов е во потрага по решение на тренерската позиција, откако Силва по пет години го напушти клубот за да се пресели во Бенфика.
Арбелоа на почетокот на годината привремено го предводеше првиот тим на Реал Мадрид по заминувањето на Чаби Алонсо. Дотогашниот тренер на резервниот состав доби можност да го води „кралскиот клуб“ во исклучително предизвикувачки период, а откако резултатите беа под очекуваното не доби доверба да остане и наредната сезона.
Неговиот деби настап на клупата на Реал беше одбележан со елиминација од Албасете во Купот на кралот, додека во четвртфиналето од Лигата на шампионите мадридскиот гигант беше запрен од Баерн Минхен со вкупни 6:4.
Во домашното првенство, Реал Мадрид сезоната ја заврши на втората позиција, осум бода зад шампионот Барселона.
И покрај тоа, Арбелоа би можел да добие можност за првпат во кариерата да предводи клуб од едно од најсилните првенства во Европа. Дополнителен адут во негова корист е и неговото искуството во англискиот фудбал, бидејќи како играч настапуваше за Ливерпул и Вест Хем во Премиер лигата.