По објавата на Фабрицио Романо дека Жозе Мурињо се враќа во Реал Мадрид, познато е и колку пари ќе инкасира Бенфика од неговото заминување.
Во договорот на Мурињо со Бенфика, кој важи до летото 2027 година, постои клаузула што му гарантира значителна отштета на португалскиот клуб доколку Португалецот се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.
Според португалскиот весник Рекорд, Реал Мадрид ќе треба да ѝ исплати на Бенфика седум милиони евра за ангажманот на Мурињо.
Клаузулата важи во многу краток временски рок, Мурињо може да замине во Реал за сума од седум милиони евра само во период од 10 дена по последниот натпревар сезонава. Тоа, според најавите, ќе се случи бидејќи Романо објави дека договорот ќе биде потпишан на 23 мај.
Во меѓувреме, Бенфика веќе стапила во контакт со потенцијални наследници на Мурињо, а на врвот на листата желби е актуелниот тренер на Фулам, Марко Силва.