Голем скандал го потресе турскиот фудбал откако беше објавено дека повеќе од 300 судии, меѓу кои и оние од највисокиот ранг, биле фатени како се обложуваат на натпревари и покрај строгата забрана на федерацијата.
Веста ја потврди претседателот на Турската фудбалска федерација, Ибрахим Хаџиосманоглу, кој откри дека во истрагата биле опфатени 571 судија. Од нив, 371 имале регистрирани сметки на страници за обложување, а 152 активно учествувале во обложување.
„Одлучни сме целосно да го исчистиме фудбалот од сите траги на корупција. Нема да има исклучоци“, изјави Хаџиосманоглу, додавајќи дека санкциите ќе бидат изречени во најбрз можен рок.
Според деталите од истрагата, десетмина од инволвираните судии имале над 10.000 облози, а еден од нив дури 18.227. Вкупно 42 судии се обложувале на повеќе од илјада фудбалски натпревари, па така јасно е дека се работи за скандал од огромни размери.