Порто разочара на Светското клупско првенство и не успеа да ја мине групната фаза, а тоа скапо го плати Мартин Анселми. По елиминацијата во групата А, „змејовите“ му врачија отказ на аргентинскиот стратег.
Анселми беше именуван за тренер на крајот на јануари годинава како наследник на Витор Бруно, но брзо му дојде крајот на европската авантура. Прво го заврши шампионатот на третото место, а потоа не успеа да ја однесе екипата во нокаут фазата на клупскиот Мундијал, каде Порто заврши зад Палмеирас и Интер Мајами.
Иако имаше важечки договор до 2027 година, 39-годишниот Аргентинец со италијански пасош доби отказ по само неколку месеци на клупата, а за тоа клубот ќе мора да му го исплати целиот договор и уште четири милиони евра.
Порто ќе бара нов тренер за новата сезона, а времето ќе покаже дали Анселми ќе добие нова шанса на Стариот континент.