Поранешниот англиски репрезентативец Адам Лалана денеска и официјално објави дека става крај на кариерата.
37-годишниот фудбалер од средниот ред преку социјалните мрежи соопшти дека го завршува патувањето како фудбалер.
Лалана ги направи првите фудбалски чекори во Саутемптон, клубот во кој одигра најмногу натпревари и постигна најмногу голови , 235 настапи и 48 погодоци. Кратко беше на позајмица во Борнмут, а во 2014 година направи трансфер во Ливерпул, каде помина шест успешни сезони.
Во дресот на „црвените“ одигра 128 натпревари и беше дел од златната генерација која ја освои Премиер лигата, Лигата на шампионите, Светското клупско првенство и Суперкупот на УЕФА. Во 2016 година, токму како член на Ливерпул, беше прогласен за најдобар англиски фудбалер.
Во 2020 година се пресели во Брајтон, а во 2024 се врати „дома“, во Саутемптон, од каде и официјално заминува во пензија.
Во текот на својата кариера, Лалана одигра вкупно 569 натпревари, постигна 86 голови и запиша 73 асистенции.