Адам Лалана и официјално стави крај на својата фудбалска кариера. Поранешниот англиски репрезентативец се прости од фудбалот на 36 години, а последниот клуб за кој настапуваше беше Саутемптон.
Иако кариерата ја започна во Борнмут, токму во редовите на „светците“ го направи првиот поголем исчекор, а потоа следуваше трансфер во Ливерпул, каде беше дел од тимот што ја освои Лигата на шампионите и Премиер лигата. Подоцна играше и за Брајтон пред да се врати во Саутемптон како последна станица во професионалниот фудбал.
За репрезентацијата на Англија одигра 34 натпревари и постигна три гола во периодот од 2013 до 2018 година.
„Завршувам со огромна благодарност и гордост. Патот не беше лесен, имаше и подеми и падови, но секој момент ме обликуваше како личност и фудбалер. Благодарност до сите што беа дел од ова прекрасно патување“, порача Лалана на социјалните мрежи.