Албанија и Србија ќе се сретнат во сабота од 20:45 часот во Тирана, во натпревар од квалификациите за Светското првенство, а атмосферата околу мечот е далеку од обична – на улиците се веќе распоредени околу 2000 полицајци, а безбедносните мерки се на највисоко ниво.
Натпреварот ќе се игра на стадионот „Ер Албанија“, каде уште од раното утро се спроведуваат ригорозни проверки, забрането е користење на дронови, а албанските медиуми јавуваат дека постојат и специјални листи со лица за кои постои сомнеж за „потенцијално терористичко однесување“.
Тензиите, кои со години постојат меѓу двете страни, повторно се актуелни пред дуелот, а дополнителен немир внесе поранешниот капитен на Албанија, Мергим Маврај. Тој преку Инстаграм испрати порака со политичка конотација:
„Војната е завршена. Косово засекогаш ќе биде наше. Сега играјте фудбал.“
Маврај, кој има 50 настапи за Албанија, кариерата најмногу ја градел во Германија, но и покрај повлекувањето од терените, неговите зборови и натаму го креваат притисокот пред мечевите со Србија.