Селекторот на американската фудбалска репрезентација, Маурисио Покетино, го соопшти финалниот состав за претстојното Светско првенство, а во тимот доминираат интернационалци со силни настапи во европските клубови во изминатата сезона.
Најголемо внимание повторно привлекува Кристијан Пулишиќ, иако офанзивецот на Милан се соочува со голгетерска криза и нема погодок уште од декември 2025 година, а дополнително се соочува со проблеми и со повреди. Во средниот ред носители на играта се очекува да бидат Вестон Мекени и Тајлер Адамс, додека во нападот значајна улога треба да имаат Фоларин Балогун од Монако и Рикардо Пепи од редовите на ПСВ.
Меѓу фудбалерите што се издвојуваат е и Малик Тилман од Баер Леверкузен, кој зад себе има одлична сезона во Бундеслигата и од кого се очекува да биде еден од лидерите на американскиот состав на турнирот.
САД настапите на Мундијалот ќе ги почнат на 13 јуни со меч против Парагвај, по што следуваат пресметките со Австралија на 19 јуни и Турција на 26 јуни.