Нејмар во 2017 се пресели во Париз за рекордни 222 милиони евра, но постојано има гласини дека сака да замине од Париз и да се врати во Барселона.
Минатото лето до последен ден се работеше на ваква зделка, но ПСЖ и Барса не најдоа договор. Името на Нејмар одново се поврзува со „каталонците“ и ова лето, но поради коронавирус кризата, практично e невозможно да се реализира еден ваков трансфер.
Неговиот агент, Вагнер Рибеиро сега вели дека Нејмар ќе остане во Париз барем уште две години.
„Во овој момент, полесно е Меси да се пресели во ПСЖ отколку Нејмар да се врати во Барселона. Сериозен сум. Никој не треба да се сомнева во економската моќ на Катар“ – вели Рибеиро.
„Имаше времиња кога тој беше тажен поради повредите. Тогаш сакаше да замине, да се врати во Барселона или да направи трансфер во Реал Мадрид. Но ситуацијата сега е сосема поинаква, тој сега е среќен. Живее во „градот на светлината“ каде сите сакаат да одат на прошетка, ужива во француската кујна, живее во убава куќа, пријателите и семејството му се во близина, игра за еден од најдобрите клубови… па зошто да замине?“
„Нејмар е среќен и мислам дека ќе остане во ПСЖ барем уште две години“.