Пол Погба, светскиот шампион со Франција од 2018 година, би можел да ја продолжи својата фудбалска кариера преку Атлантикот во американската МЛС лига. Според информациите од САД, 31-годишниот играч од средниот ред е во сериозни преговори со клубот Ди-Си јунајтед од Вашингтон.
Погба е надвор од терените речиси 20 месеци, а последен клуб му беше Јувентус, со кој спогодбено го раскина договорот во ноември минатата година. Од тогаш, тој најголемиот дел од времето го поминува во Мајами, каде што живее.
Претседателот на Ди-Си јунајтед, Џејсон Левиен, веќе имал неколку состаноци со агентот на Погба, а се одржала и лична средба со самиот фудбалер.
Во изминатиот период, се појавија и шпекулации дека Погба може да се приклучи на Интер Мајами, тимот каде што настапува Лионел Меси, а е делумно во сопственост на поранешната фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам. Сепак, според последните најави, Вашингтон би можел да биде неговата нова дестинација.