Пол Погба во овој момент е слободен фудбалер, но не му оди баш најдобро кога во прашање е пронаоѓањето на нов клуб.
Судот за спортска арбитража во Лозана ја намали суспензијата на Погба кој од терените беше одалечен поради допинг тест. Овој 31-годишен француски фудбалер сега е слободен играч откако Јувентус му го раскина договорот.
Неодамна во италијанските медиуми се појавија информации дека Погба би можел да ја засили Фиорентина.
Сепак, изгледа дека тоа нема да се случи. Агентот на Погба го предложил својот фудбалер на тимот од Фиренца, но тие не сакале ниту да слушнат. „Кориере дело Спорт“ ја објави оваа информација дополнувајќи дека преговорите помеѓу двете страни се завршени и нема можност за промена.
Ќе потсетиме, Погба во Италија во два мандати го носеше дресот на Јувентус за кој собра 190 настапи и постигна 34 гола.