Почина еден од најславните аргентински голмани на сите времиња, бранеше и за двата најголеми ривали

by Стефан
1 минути читање

Тажна вест доаѓа од Аргентина – легендарниот голман Уго Гати почина на 80-годишна возраст, само неколку месеци по компликации од операција.

Гати, кој беше познат под прекарот „Лудак“ поради својот ексцентричен стил на игра, зад себе остави богата кариера во која одигра над 350 натпревари за Бока Јуниорс и влезе во историјата како еден од најспецифичните голмани што некогаш се појавиле.

Тој беше префрлен на интензивна нега пред неколку недели поради воспаление на белите дробови, а претходно имаше и операција на колкот, повреда која ја заработил играјќи се со своето куче.

По еден месец поминат во болница, Уго Гати починал во текот на вчерашниот ден, потврдија извори блиски до аргентинскиот весник „La Nacion“.

Гати беше еден од првите голмани кои почнаа да носат ракавици, и одигра 18 натпревари за аргентинската репрезентација. Беше дел од составот на Светското првенство во 1966 година, а во кариерата ги бранеше боите на двата најголеми клуба во земјата – Ривер Плејт и Бока Јуниорс.

Со 765 настапи во аргентинското првенство, Гати држи апсолутен рекорд. Тој беше и еден од првите голмани кои редовно го напуштаа казнениот простор, нешто што денес е речиси норма во модерниот фудбал.

По пензионирањето, Гати продолжи да биде активен во спортските кругови како ТВ аналитичар, често контроверзен, но секогаш гласен.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани