Нуно Еспирито Санто и официјално ќе продолжи да го предводи Нотингем Форест и во следните сезони, откако португалскиот стратег постигна договор со сопственикот Евангелос Маринакис за продолжување на соработката до 2028 година.
Португалецот пристигна на „Сити Граунд“ во 2023 година и веднаш го стабилизираше тимот – најпрво го спаси од испаѓање во последното коло, а минатата сезона оствари историски успех и обезбеди пласман на европска сцена за првпат по речиси три децении, односно од сезоната 1995/96.
Ваквиот напредок не остана незабележан од раководството на клубот. Сопственикот Маринакис не го криеше воодушевувањето и одлучи да му понуди нов долгорочен договор без никакви калкулации.
„Пресреќен сум што останувам дел од овој клуб. Откако дојдов, секојдневно вложуваме огромен труд – не само за резултати, туку и за да изградиме тимски дух и стабилна структура. Навивачите се неверојатни, чувствуваме поддршка на секој чекор и верувам дека во иднина ќе има уште многу моменти за славење“, изјави Нуно.
Маринакис пак порача дека клубот верува во Нуно како тренер кој може да испише нова златна страница во историјата на Нотингем Форест.