Полскиот напаѓач Роберт Левандовски во текот на вчерашниот ден потврди дека се повлекува од репрезентацијата поради конфликт со селекторот, Михаел Пробиерж.
„Жал ми е. Вакви работи треба да се решаваат поинаку. Не се работи само за капитенската лента, туку за начинот на кој ми беше соопштено. Секогаш сум се залагал со цело срце. Навистина ме погоди тоа што се случи. Ја носев лентата 11 години, а 17 години играм за репрезентацијата. Сметав дека ваквите одлуки заслужуваат повеќе почит. Селекторот ја изневери моето доверба“, глаеше пораката наЛевандовски.
Најдобриот полски фудбалер, кој зад себе има 158 настапи и 85 голови за националниот состав, вчера преку социјалните мрежи објави дека нема да игра за Полска сè додека Пробиерж е на селекторската позиција.
„Се надевам дека во иднина ќе добијам нова шанса повторно да играм за најдобрите навивачи на светот“, напиша 36-годишниот напаѓач.
Неговата одлука предизвика вистински потрес во фудбалската јавност, по што се огласи и селекторот Пробиерж.
„Немаше друг начин да му ја соопштам оваа одлука на Роберт. Неговиот одговор беше дека капитенската лента не значи ништо и дека ништо нема да се промени“, изјави Пробиерж.
Потоа откри дека по разговорите со играчите и своите соработници ја донел одлуката за промена на капитенот.
„Времето и местото за ваква одлука секогаш се тешки. Роберт е извонреден фудбалер и никој тоа не може да му го одземе, но одлучив дека ова е најдобриот момент за промена“, додаде тој.
Инаку, наместо Левандовски, капитенската лента ја доби играчот од средниот ред на Интер, Пјотр Зиелински.