Хрватскиот репрезентативец Иван Перишиќ (36) зад себе има сезона за паметење во дресот на ПСВ Ајндховен. Со холандскиот гигант ја освои титулата во Ередивизие, но со завршувањето на сезоната истече и неговиот договор, по што тој сега е слободен играч.
Иако се уште не е исклучена можноста за продолжување на соработката со ПСВ, сè погласни се гласините дека искусниот офанзивец би можел да ја продолжи кариерата во Лига 1, каде интерес за него покажува Олимпик Марсеј.
Според информациите на холандскиот новинар Рик Елфринк, кој долги години ги следи случувањата околу ПСВ, преговорите за нов договор биле во напредна фаза. Но, истиот извор сега открива дека во игра влегол и Марсеј со конкретна понуда што сериозно го менува текот на разговорите.
Францускиот клуб, кој обезбеди настап во Лигата на шампионите, е во потрага по засилувања во нападот, а покрај Перишиќ, интерес покажуваат и за соиграчот од ПСВ, Ноа Ланг, кој исто така имаше блескава сезона.
Ако се реализира трансферот, за Перишиќ тоа ќе значи враќање во францускиот фудбал, каде што својата европска кариера ја започна пред повеќе од деценија како играч на Сошо.
Дали ќе остане во Холандија или ќе се пресели на Азурниот брег – останува да се види, но јасно е дека Перишиќ и натаму останува барано име на европскиот трансфер пазар.
Фото: PSV/FB