Пеп Гвардиола беше гостин на популарниот YouTube канал „xBuyer“ кој го водат браќата Хавиер и Ерик Руис, а брои над 5.7 милиони претплатници. Во искрен разговор, шпанскиот стратег ги отвори картите за својата фудбалска филозофија, животот на младите фудбалери денес и тешките моменти во тренерската кариера.
„Суштината на нашата работа е играчите да разберат што сакаме од нив – не да им задаваме главоболки. Исто така, мораш постојано да менуваш пристап, инаку станува досадно. Веќе десет години сум во Сити – не можеш секогаш со истиот рецепт“, вели Пеп.
На прашањето како младите да останат приземјени, Гвардиола одговори без влакна на јазик:
„Немам што многу да им порачам. Ние многу повеќе патевме. Одев на конференција на Камп Ноу, а таму 50 новинари те распарчуваат… Но имавме ветерани кои не штитеа – а знаеја и по прсти да ни удрат кога ќе забегаме. Тоа беше најдобар начин да научиш. Денес е потешко – младите се под постојан притисок, а социјалните мрежи само долеваат масло во оганот.“
Се осврна и на младата генерација на Барселона, која според него игра без страв:
„Како да се на училишно игралиште – толку слободно делуваат. Гледаш 17-годишници и 19-годишници како се носат со Реал на Бернабеу или во полуфинале на ЛШ… тоа ме воодушевува.“
За крај, Пеп откри анегдота со Серхио Агуеро која никогаш нема да ја заборави:
„Го обожавам. Еден од најпристојните великани што сум ги сретнал. Постигна најважниот гол во историјата на Сити – оној со кој клубот го освои првиот англиски наслов. Тој момент го смени менталитетот на целиот клуб.“
„Се сеќавам кога му кажав дека нема да му го продолжиме договорот… Тешко ми падна тоа. И истиот ден на тренинг – гадот заби 200 гола! Со погледот ми вика: ‘Сега ќе му покажам на овој ц*ганин…’ Му велам: ‘Серхио, ја згрешив. Ќе ти го продолжиме договорот!’ Во последниот меч даде два гола. Ми беше чест да го тренирам. Неповторлив талент.“