Вечерва Бетис и Челси ќе се борат за пехарот од Конференциската лига, а Мануел Пелегрини го предвидел финалето уште во групната фаза.
Тренерот на Бетис открива дека уште на почетокот од сезоната му кажал на Мареска дека ќе бидат во финалето.
„Уште за време на групната фаза му пратив порака на Енцо и му реков дека ќе се видиме во финалето во Вроцлав. Откако навистина се пласиравме, му се јавив да му кажам колку сум среќен што ќе се борат против него“, рече Пелегрини.
Пелегрини му беше тренер на Мареска во Малага, двајцата добро се познаваат и затоа комуницираат.
Стратегот на Бетис не мисли дека Челси е фаворит вечерва како што се прогнозира.
„Ова не е дуел на Давид и Голијат. Нема зошто да сметаме дека сме во подредена улога, имаме исто шанси да го освоиме трофејот. Уште од првата минута ќе се трудиме да бидеме добри. Имаме искусни играчи. Мора да веруваме во победа“.