Еден од најдобрите чешки фудбалери на сите времиња, Павел Недвед, по речиси две децении се врати во националниот тим сега во нова улога. Тој ја презеде функцијата генерален менаџер задолжен за сениорската репрезентација и селекцијата до 21 година.
Поранешниот потпретседател на Јувентус, кој ја напушти управата на италијанскиот гигант во екот на скандалот кон крајот на 2022 година, последните месеци работеше како спортски директор на Ал Шабаб во Саудиска Арабија. Сепак, на изненадување на многумина, реши да се врати дома и да помогне на репрезентацијата.
Овој потег доаѓа во чувствителен момент за чешкиот фудбал, репрезентацијата претрпе тежок пораз од Хрватска во квалификациите за Мундијалот следната година, расипувајќи ја позитивната слика по трите победи на стартот од циклусот.
Чесите последен пат играа на Светско првенство во 2006 година во Германија, токму во времето кога Недвед се збогуваше со националниот дрес. Затоа, враќањето на славниот играч сега носи и симболика со надеж дека ќе ја врати репрезентацијата таму каде што ѝ е местото.
Квалификациите продолжуваат во септември, кога Чешка ќе гостува во Црна Гора, а до крајот на годината ги очекуваат уште дуели со Хрватска, Фарските Острови и Гибралтар.