Партизан работи на потенцијални засилувања во одбраната, а една од опциите на радарот е Иван Васиљевиќ, млад стопер кој е под договор со Атлетико Мадрид.
„Црно-белите“ се подготвуваат за заминувањето на Нихад Мујакиќ во Турција, сценарио кое е сѐ пореално, па се во потрага по ново име кое ќе ја засили конкуренцијата во срцето на дефанзивната линија, каде моментално се наоѓаат Матеја Миловановиќ, Стефан Милиќ и Никола Симиќ.
Според информациите на „Телеграф“, Партизан се распрашувал за услугите на дваесетгодишниот Васиљевиќ, кој е син на поранешниот фудбалер на клубот, Петар Васиљевиќ – човек кој настапуваше и за шпанските Осасуна и Албасете. Иван е роден во Шпанија, поседува двојно државјанство, и својата кариера ја градел преку младинските категории на Атлетико, играјќи за нивниот тим до 19 години.
Моментално е дел од Унион Колада, филијала на Атлетико Мадрид, но останува да се види дали ќе се реализира негово враќање на стапките на татко му во Хумска. Развојот на ситуацијата се очекува наскоро.