Минатиот месец ЦСКА Софија загуби во финалето од купот од нивниот најголем ривал, Левски Софија. И покрај поразот, по разговори со сопственикот на клубот, Пардју планирал да остане тренер и следната сезона.
Но една недела по финалето од купот на Бугарија, тимот на ЦСКА Софија требало да го игра преостанатиот меч од бугарската лига против Ботев Пловдив.
Надвор од стадионот имало голем број навивачи на ЦСКА кои лути од поразот против Левски ги навредувале своите фудбалери, четворицата црномурести фудбалери во тимот биле мета на расистички навреди, кон нив биле фрлани и банани.
По инцидентот тие првично не сакале да играат, но потоа биле приморани да го направат тоа.
Пардју гневен и зачуден на примитивизмот кој го видел, имал итен состанок со раководството на клубот на кој си поднел оставка и заминал заедно со својот асистент Алекс Дајер кој е прв црномурест тренер во клубот.
„Случувањата пред и по мечот против Ботев Пловдив беа неприфатливи не само за мене, туку и за мојот асистент Алекс Дајер и за моите фудбалери. Нашите фудбалери одлучија да играат само поради лојалноста кон клубот“, изјави Пардју за официјалниот сајт на ЦСКА Софија.
„Мала група на организирани расистички фанови кои се обидоа да го саботираат натпреварот не се фанови пред кои сакам да го водам тимот. Тоа дефинитивно не во во ред за ЦСКА бидејќи ваков клуб заслужува многу повеќе“.
„Благодарен сум на вистинските фанови на ЦСКА Софија за нивната поддршка и пасија. Сакам да им се заблагодарам и на сопствениците за нивните заложби во клубот и покрај сите предизвици. Ми беше чест и привилегија да работам за овој голем клуб. За жал тука е крајот на мојата работа“.