Поранешниот играч на Арсенал, Џеј Емануел Томас, заврши зад решетки – доби четири години затвор поради трговија со дрога, откако призна вина за шверц на голема количина марихуана.
Томас бил уапсен при пристигнување од Бангкок, кога во две негови торби биле откриени 60 килограми марихуана. Со него патувале и две жени кои, според истрагата, не знаеле што носат – тие мислеле дека пренесуваат злато. Вредноста на дрогата се проценува на околу 600.000 фунти. Во моментот на апсењето, 34-годишниот напаѓач настапуваше за шкотскиот второлигаш Мортон.
Џеј Емануел Томас беше големо ветување на Арсенал, а Арсен Венгер во 2010 година го нарече „фантастичен стрелец кој дава голови со двете нозе“. Сепак, наместо голема кариера, следеше турбулентна патека со настапи за Ипсвич, Бристол Сити, КПР, Абердин и тимови надвор од Европа, како ПТТ Рајонг во Тајланд.
На крај, наместо да игра во Премиер лига, Томас ќе ги мине следните четири „сезони“ зад решетки – како дел од сосема поинаков состав.