По речиси три децении поминати во Интер, Пјеро Аусилио би можел да го напушти клубот на крајот од сезоната. Италијанските медиуми објавуваат дека спортскиот директор не успеал да најде заеднички јазик со раководството околу продолжувањето на договорот.
Иако неговата актуелна соработка со „нераѕурите“ е со важност до јуни 2027 година, преговорите за нов договор не се одвиваат според очекувањата. Во овој момент најизвесно сценарио е Аусилио да си замине по завршувањето на сезоната.
Аусилио е еден од најдолговечните функционери во Интер. Во клубот пристигна во 1997 година, во ерата на Масимо Морати, а првите години ги помина како секретар во младинската школа. Во 2010 година доби значително поголема улога и беше назначен за спортски директор, позиција на која е повеќе од 15 години.
Според „Кориере дела Сера“, Аусилио не бил задоволен од понудата за продолжување на соработката и ја протолкувал како недоволно почитување од страна на клубот. Интер му понудил нов договор само до летото 2028 година, со зголемување на платата од 1,3 на 1,4 милиони евра годишно, плус дополнителни бонуси.
Од „Скај Спорт“ не ја исклучуваат можноста разделбата да се случи и порано. Доколку Аусилио добие конкретна и финансиски атрактивна понуда од друг клуб, тој би можел да го напушти Интер уште во текот на сезоната.