Бреша повеќе не е дел од професионалниот фудбал, откако Фудбалскиот сојуз на Италија одби да издаде лиценца за настап во Серија Ц. Со оваа одлука, култниот клуб по 114 години се повлекува од професионалната сцена.
Минатата сезона Бреша испадна од Серија Б, а сега остана и без право да игра во третата лига. Како главна причина беа наведени долговите од 1.1 милион евра кон самата лига, но тоа не е единствениот проблем. Клубот должи пари и на фудбалери, тренери, административци и други вработени, а забележани се и други финансиски и административни пропусти.
Во својата историја, Бреша има одиграно 23 сезони во Серија А. За тимот играле бројни фудбалски легенди, како Роберто Баџо, Андреа Пирло, Пеп Гвардиола, Георге Хаџи, Лука Тони, Марио Балотели и Сандро Тонали. Четири пати била првак во Серија Б, што се и единствените национални трофеи во историјата на клубот.
Бреша официјално го напушта професионалниот италијански фудбал, оставајќи зад себе богата, но завршена ера.