Бразилската фудбалска федерација не се откажува од идејата Карло Анчелоти да седне на клупата на „селесао“ и тоа уште летово. Според медиумите, притисокот е се посилен, со цел Италијанецот што поскоро да ја преземе селекцијата и да добие цела година за подготовка пред Мундијалот во 2026.
Анчелоти неколку пати нагласуваше дека сака да остане во Реал Мадрид, но сезоната во Шпанија оди во погрешен правец – „кралевите“ се елиминирани од Лигата на шампионите, во Ла Лига речиси и да немаат шанси за титулата, па останува само Купот на Кралот како потенцијален трофеј. Со оглед на сето тоа, не би било изненадување ако клубот му врачи отказ на крајот од сезоната.
Во таков расплет, Анчелоти би можел посериозно да ја разгледа понудата од Бразил, иако досега во неколку наврати тврдеше дека не е заинтересиран за таа авантура.