Очајно прво полувреме за пораз на Олимпико, Италија конечно се израдува на победа (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Италија конечно се израдува на натпревар против Македонија, момците на Благоја Милевски одиграа лошо прво полувреме во кое примивме три гола кои на крајот се покажаа како пресудни за поразот.

Домаќините од самиот старт тргнаа силно кон нашиот гол, брзо ја затресоа мрежата, но првиот погодок им беше поништен поради офсајд. Следуваше удар на Киеза и одбрана на Димитриевски, но веднаш потоа примивме гол. Течеше 17. минута кога по центаршут на Распадори, Дармијан се најде сам пред нашиот гол и непречен од никој постигна погодок со глава.

Во 40. минута Италија доби пенал, Серафимов играше со рака во нашиот шеснаесетник, судијата покажа на белата точка. Жоржињо се обиде со неговото карактеристично потскокнување да го изненади Димитриевски, но македонскиот голман беше поуспешен и го одбрани неговиот удар.

Веднаш потоа на сцена стапи Киеза, за кратко време ни даде два гола и на полувремето Италија имаше водство против Македонија со убедливи 3-0.

По седум минути игра во вториот дел Јани Атанасов по асистенција од Алиоски го матираше Донарума, намаливме на 3-1 и покажавме дека уште сме во натпреварот.

Во 74. минута Македонија комплетно се врати во игра, Атанасов со удар од далечина и мала помош од Ачерби постигна уште еден гол, намаливме на 3-2 и за момент го замолкнавме Олимпико, Италија за миг се потсети на Палермо.

Но, на десетина минути пред крајот, Распадори постигна гол за 4-2 и ги сруши нашите надежи дека уште еднаш можеме да ја изненадиме Италија.

Во судиското продолжение гол ни даде и Ел Шарави и ги постави конечните 5-2 за Италија.

Италијанците беа подобри на овој меч, покрај Атанасов со двата гола од нашата репрезентација се истакна и Столе Димитриевски кој имаше неколку фантастични интервенции со кои не дозволи да загубиме и поубедливо.

Ние се фокусираме на мечот против Англија во понеделник, а Италија тогаш има директен дуел со Украина за пласман на Европското првенство, азурите треба само да останат непоразени на тој дуел.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×