Планот на Серхио Рамос за преземање на Севиља целосно пропаднал, откако легендарниот поранешен дефанзивец на Реал Мадрид драстично ги променил условите од својата понуда.
Преговорите биле ненадејно прекинати во средата, кога Рамос се вратил на преговарачката маса со значително намалена понуда, по што актуелните сопственици решиле да се повлечат од зделката која требало да биде историска за андалузискиот клуб.
Севиља во овој момент е во сопственост на акционери обединети во холдинг групата „Севилистас де Нервион“. Според шпанските медиуми, нивната реакција на новата понуда на Рамос била жестока:
„Ова е најлошата понуда што некогаш сме ја добиле. Сакаа да ја купат Севиља за 100 милиони евра.“
Само пред две недели било потпишано писмо за намери за преземање за сума од 440 милиони евра. Првичниот договор предвидува 80 милиони евра за докапитализација, 290 милиони евра за акционерите, а остатокот бил наменет за покривање на нето-долгот на клубот.
Сегашните сопственици дури прифатиле и продолжување на рокот за исплата, преземајќи ги сите загуби до финалното потпишување на договорот. Рамос уверувал дека ќе обезбеди гаранции за плаќањето, па затоа пресвртот во средата бил вистинско изненадување.
Ситуацијата дополнително се искомплицирала кога Рамос на состанокот пристигнал со нов претставник. Спортскиот адвокат Роберто Алварез, кој ја застапувал мексиканската фамилија што требало да биде дел од проектот, ги заменил претходните советници.
Новиот конзорциум предложил целосно поинакви услови и ја намалил вредноста на целата операција на 220 милиони евра. Според ревидираната понуда, 120 милиони евра би биле вложени во итна докапитализација, со што групата на Рамос би стекнала 42 проценти од контролниот пакет.
Останатите 100 милиони евра би биле искористени за купување дополнителни 18 проценти од постојните акционери, со што би добиле целосна контрола врз клубот, а преостанатите акции практично би останале без вредност.