Баерн Минхен без многу мака го доби дербито од деветтото коло во Бундеслигата, совладувајќи го Баер Леверкузен со убедливи 3-0 на „Алијанц Арена“. Избраниците на Винсент Компани практично сè решија уште во првиот дел, кога веќе имаа три гола предност и без проблеми го контролираа остатокот од мечот.
По мирниот почеток, Баерн ја отвори серијата во 25. минута преку Серж Гнабри кој прецизно стрелаше за 1-0. Само шест минути подоцна, Николас Џексон со удар со глава ја зголеми предноста на 2-0.
Доминацијата на Баерн беше потврдена и во 44. минута, кога несреќниот Лоик Баде си постигна автогол за конечни 3-0. Во второто полувреме баварците без притисок го приведеа натпреварот до крај и не му дозволија на Леверкузен ниту една посериозна шанса.
Баерн по девет кола останува совршен со девет победи и максимални 27 бода, пет повеќе од второпласираниот Лајпциг и седум од Борусија Дортмунд.