Невил знае која е најголемата казна за Сити: Да сум таму, од тоа најмногу би се плашел

by Стефан
1 минути читање

Случајот со Манчестер Сити и натаму е една од главните теми во англискиот фудбал, а свој коментар даде и поранешниот фудбалер на градскиот ривал Манчестер Јунајтед, Гери Невил.

Во јавноста се споменуваат различни можни санкции за Сити, одземање бодови и титули, финансиски казни и забрана за трансфери, па сè до исфрлање во најнискиот ранг на професионалниот фудбал во Англија.

Сепак, Невил смета дека ниту една од овие мерки не би била толку сериозна како евентуалното заминување на сопствениците на клубот.

„Одземање бодови, парични казни, забрана за трансфери, одземање титули… Сето тоа се сериозни казни. Но, единствената мерка која навистина би имала огромни последици е сопствениците да бидат принудени да си заминат и да не им биде дозволено повторно да бидат сопственици“, изјави Невил.

Според него, токму таков исход би бил најголемиот удар за Манчестер Сити, особено доколку клубот сака да ги задржи инвестициите што ги има во моментов.

Невил ситуацијата ја спореди и со познатиот италијански скандал „Калчополи“, кој остави сериозни последици врз италијанскиот фудбал.

„Ужасно ми е што го гледам сето ова. Италијанскиот фудбал по Калчополи веќе 25 години се мачи. Не велам дека истото ќе се случи и со Премиер лигата, но ние секогаш веруваме дека имаме огромен интегритет и дека сме лига која поставува стандарди за останатите кога станува збор за корупција, измами, допинг, скандали и местење натпревари“, додаде Невил.

Поранешниот англиски репрезентативец призна дека целата ситуација е непријатна и за оние кои се надвор од Манчестер Сити.

„Сега сето тоа дојде пред нашата врата, во нашата лига. Јас навивам за Јунајтед, Џејми Карагер за Ливерпул, Рој Кин и Ијан Рајт играа за Јунајтед и Арсенал. Не се радувам на ова. Ова е ужасно“, порача Невил.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×