Фудбалер на аматерскиот германски клуб Тус Рокенберг е уапсен на 1 септември под сомнение дека пред една година го отрул и го убил својот соиграч.
Мариус В. (35), фудбалер на Тус Рокенберг, бил уапсен во акција на специјална полициска единица под сомнение дека го отрул и го убил својот соиграч Филип Л. (30).
Трагедијата се случила во јуни минатата година за време на клупскиот излет во Дрезден, кога на Филип Л. ненадејно му се слошило. Неколку дена подоцна тој починал во болница, а како причина за смртта било наведено откажување на органите предизвикано од труење и сепса.
Првично се сомневало на тешко труење со храна, бидејќи во текот на денот целата екипа јадела риба. Сепак, истрагата подоцна покажала дека постојат сомнежи оти станувало збор за убиство.
Главниот обвинител Томас Хаубургер за локалните медиуми изјавил дека мотивот најверојатно била одмазда.
„Претпоставуваме дека мотивот била одмазда. Убиствата со труење се многу ретки, што овој случај го прави особено необичен. Врз основа на резултатите од досегашната истрага, убедени сме дека осомничениот намерно ја усмртил жртвата“, изјавил тој.
Засега истрагата не открила за каков отров станува збор, а локалните медиуми шпекулираат дека во позадина на целиот случај стоел конфликт меѓу двајцата соиграчи околу жена.
Веста за апсењето на Мариус В. го шокирала целиот клуб, кој се огласил и со официјално соопштение:
„Откако минатата година моравме да се соочиме со ненадејната смрт на нашиот соиграч, по настаните од минатиот вторник повторно останавме без зборови. Никој од нас во моментов не може да го сфати овој нов удар. Имаме доверба во работата на надлежните органи и веруваме дека случајот целосно ќе биде расветлен.
Мариус В. бил уапсен во голема акција на специјалната полициска единица, само две недели пред неговата закажана свадба. Тој моментално се наоѓа во притвор, додека неговите адвокати досега не се огласиле.
