Лион доживеа вистински шок по одлука на финансискиот надзор на францускиот фудбал (DNCG), клубот е исфрлен во Лига 2 поради сериозни финансиски проблеми.
Потврдата стигна преку официјално соопштение на ЛФП, откако Eagle Football Group не успеа да го убеди надзорниот орган дека клубот е финансиски стабилен. Продажбата на уделите во Кристал Палас и женскиот тим на Лион не беа доволни за да се избегне казната.
Долгот на Лион надминува 500 милиони евра, а клубот не успеа да обезбеди дополнителни 100-175 милиони евра, што беше услов за останување во елитата. Како последица, Лион не само што ќе игра во втората лига, туку се соочува и со исфрлање од европските купови.
Според француските медиуми, УЕФА веќе одлучила да го елиминира клубот од Лига Европа, иако официјалната потврда допрва се очекува. На негово место би влегол Стразбур, додека Ленс може да добие шанса преку квалификациите во Конференциската лига.