Манчестер јунајтед се препороди по заминувањето на Жозе Мурињо, тимот игра офанзивно, постигнува голови и победува, а лидер е Пол Погба кој беше импресивен и на овој натпревар.
За разлика од претходно, Манчестер јунајтед под водство на Оле Гунар Солскјер силно стартува на натпреварите, веќе во петтата минута постигна гол за 1-0. Рашфорд имаше импресивен влез од десната страна, додаде до Погба кој го отвори резултатот.
Во 33. минута нов гол на Погба, овој пат со глава по асистенција на Андер Ерера. Пред самиот крај на првото полувреме Рашфорд даде гол по додавање на Ентони Марсијал за убедливи 3-0.
Во судиското продолжение од првиот дел, Аке го намали резултатот на 3-1 и влеа каква таква надеж за Борнмут.
Конечните 4-1 ги постави Лукаку во 72. минута по асистенција на Погба. Напаѓачот во игра влезе само две минути претходно.
Манчестер јунајтед во првите три натпревари под водство на Оле Гунар Солскјер забележа исто толку победи и постигна вкупно 12 голови или во просек четири по натпревар.