По поразот од
Севиља во финалето од Лига Европа, Антонио Конте уште еднаш најави дека заминува
од Џузепе Меаца.
„Нешто се случи,
нема потреба да навлегувам во детали. Потребно е да видиме дали сите се подготвени
да не ни се повтори уште една ваква година со сите работи кои ми се случија. Имам семејство и
треба да разберам дали фудбалот ми е приоритет, или моето семејство. Доколку одредени
ситуации влијаат врз моето семејство, морам да реагирам. Секој има свој лимит,
треба да видам каде се моите лимити“ – порача стратегот.
Со оглед на тоа
дека претходно тој се пожали дека има „крт“ во соблекувалната, медиумите
почнаа да шпекулираат дека Антонио Конте зборува за некој специфичен инцидент и
посочија дека тоа е куршумот во коверт кој беше испратен и заканите кон него и
неговото семејство.
Кога се пишуваше за овој настан во ноември минатата година, сопругата на
Антонио Конте го негираше ова, но испадна дека писмото било испратено во
тренинг центарот на Интер и стратегот се обидел да го сокрие инцидентот за
неговото семејство да не се грижи.
Сепак некој од
таборот на „нероаѕурите“ ја проструил информацијата до медиумите, па Антонио
Конте бил бесен по ваквиот развој на настаните.
Медиумите од
Италија сега излегоа со нова причина од личен карактер, односно измама вредна 30 милиони евра.
Стратегот мислел дека вложува во инвестиција која ќе му донесе убава заработка,
но станал со празни раце.
Зад измамата стои
Масимо Бокикјо, Италијанец со инвестициски компании во Велика Британија. Парите требале
да бидат вратени до 30. јуни, но откако немало никаков абер, Антонио Конте и
уште седум други лица ја алармирале полицијата и покренале тужба во Лондон.