Натпревар од италијанската Серија А би можел да се игра во Австралија – историски потег кој би можел да го смени курсот на европскиот клупски фудбал. Италијанските медиуми пренесуваат дека раководството на Серија А е во напредни преговори мечот меѓу Милан и Комо да се одигра во Перт, закажан за викендот на 7-8 февруари 2026 година.
Првично, мечот беше планиран на „Сан Сиро“, но легендарниот стадион ќе биде зафатен со отворањето на Зимските олимписки игри Милано–Кортина, закажани за 6 февруари.
Поради тоа што Милан и Интер го делат стадионот, а притоа обично играат дома во различни викенди, Серија А уште од самиот старт на сезоната ќе мора да го прилагоди календарот за да го растовари Милано во периодот на Олимписките и Параолимписките игри.
Доколку мечот навистина се пресели на австралиско тло, тоа ќе биде првпат натпревар од некое европско национално првенство да се одигра надвор од стариот континент. Според „The Athletic“, ФИФА не се противи на вакви идеи – напротив, веќе има специјална комисија која работи на можни измени во регулативите со цел да се овозможат вакви преседани.