Групата најверни навивачи на албанската репрезентација, „ТКЗ“, објави дека ќе го бојкотира натпреварот против Србија во квалификациите за Светското првенство, кој се игра на 7 јуни.
Причина за нивната одлука е незадоволството од начинот на кој Фудбалската федерација на Албанија (ФШФ) ја организира продажбата на билети. Според соопштението, навивачите биле исклучени од процесот и обвинија дека картите завршиле кај туристички агенции и блиски кругови на Федерацијата.
„Првпат по 21 година нема да бидеме на стадион за да ја поддржиме нашата репрезентација. Претходниот пат не ни дозволија ‘шкијет’ во 2014, а сега тоа ни го прави ФШФ – во нашата сопствена куќа“, стои во реакцијата на групата.
Навивачите го нарекоа процесот на продажба „фарса“ и остро реагираа на високите цени – од 150 до 1.000 евра за билет. Потенцираат дека просечно албанско семејство не може да си дозволи да плати 600 евра за едно семејно гледање натпревар.
„Фудбалот стана ексклузивна забава за богатите. ФШФ проповеда инклузивност, но реалноста е спротивна. Туристички агенции, политичари и богаташи се добредојдени – ние не сме.“
Албанија во првите две кола од квалификациите победи против Андора и загуби од Англија, додека Србија тукушто влегува во циклусот. Средбата во Тирана носи големо спортско и политичко внимание, но очигледно ќе се игра без поддршка од најгласните навивачи на домаќините.
Фото: FSHF